Политичките групи во Европскиот парламент бараат ЕУ да преземе мерки за ослободување на активистите на бродот „Мадлин“
Лидерите на трите главни политички групи во Европскиот парламент ја повикаа ЕУ итно да преземе мерки за ослободување на активистите приведени од израелските сили додека пловеа кон Појасот Газа со хуманитарниот брод на Коалицијата Флотила за слободата

БРИСЕЛ (АА) - Лидерите на трите главни политички групи во Европскиот парламент денес ја повикаа Европската Унија итно да преземе мерки за ослободување на активистите што беа приведени од израелските сили додека пловеа кон Појасот Газа со хуманитарниот брод на Коалицијата „Флотила за слободата“, јавува Анадолу.
Во заедничката изјава лидерите на групите на зелените/ЕФА, социјалистите и демократите (С&Д), како и левицата, изразија „длабока загриженост“ за влошената хуманитарна ситуација во Газа. Тие истакнаа дека пресретнувањето на хуманитарниот брод „Мадлин“, кој превезувал формула за бебиња, храна, медицински материјали и уреди за прочистување на вода, ја одразува сè поголемата фрустрација на меѓународната заедница.
Меѓу приведените се наоѓаат деветмина државјани на ЕУ, вклучително и француската европратеничка Рима Хасан. Лидерите на трите групи повикаа на итно ослободување на сите приведени лица.
Тие ја осудија меѓународната заедница, вклучително и ЕУ, за тоа што не успеала да обезбеди безбеден и континуиран хуманитарен пристап до Газа, каде што над два милиона луѓе живеат во критични услови.
Во изјавата се повикува Израел веднаш да ги укине сите блокади што го попречуваат доставувањето хуманитарна помош, во согласност со меѓународното хуманитарно право. Повторно се бара постојан прекин на огнот, ослободување на сите заложници и воспоставување веродостоен пат кон решение со две држави.
Тие ги повикаа Европската комисија, шефот за надворешна политика на ЕУ и земјите членки да ги „удвојат напорите“ за да спречат натамошни загуби на цивилни животи и да го почитуваат меѓународното право.
„Европскиот парламент мора да зборува со обединет глас во поддршка на мирот, правдата и заштитата на цивилите“, се заклучува во соопштението.
„Мадлин“ беше запленет од израелските поморски сили во неделата додека пловеше во меѓународни води и беше пренасочен кон пристаништето Ашдод.
На бродот се наоѓале вкупно 12 лица, вклучително и 11 активисти и еден новинар.
Меѓу нив се францускиот пратеник во Европскиот парламент (ЕП) Рима Хасан, германската државјанка Јасемин Аџар, Хусеин Шуајб Орду од Турција, Тијаго Авила од Бразил, Серхио Торибио од Шпанија, Марко ван Рен од Холандија, Баптист Андре, Рева Вијард, Паскал Мориерас и Јанис Мамди од Франција, шведската климатска активистка Грета Тунберг и новинарот Омар Фајад.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.