Германскиот канцелар Мерц побара од Нетанјаху итно зголемување на хуманитарната помош за Појасот Газа
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во телефонски разговор му порача на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека е неопходно итно зголемување на хуманитарната помош за разурнатиот Појас Газа, објави портпаролот на германската Влада, Штефан Корнелиус

БЕРЛИН (АА) – Германскиот канцелар Фридрих Мерц во телефонски разговор му порача на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека е неопходно итно зголемување на хуманитарната помош за разурнатиот Појас Газа, соопшти портпаролот на германската Влада, Штефан Корнелиус, јавува Анадолу.
„Канцеларот ја изрази својата надеж за брзо постигнување договор за ослободување на заложниците и прекин на огнот. Воедно, ја потенцираше итната потреба да се дозволи доволно хуманитарна помош за Газа и да се обезбеди нејзина безбедна дистрибуција до цивилното население“, рече Корнелиус во изјавата.
Мерц, исто така, повтори дека германската Влада и понатаму го гледа преговараното дводржавно решение како најдобра можност за мирен соживот меѓу Израелците и Палестинците.
Во последниот период, канцеларот и министерот за надворешни работи, Јохан Вадефул, ја заострија реториката кон израелската Влада, обвинувајќи ја дека не го исполнила ветувањето за обезбедување хуманитарна помош преку новиот израелско-американски дистрибутивен механизам што започна на 25 мај.
Минатата недела, Вадефул остро ја критикуваше израелската стратегија во Газа, истакнувајќи дека недозволувањето на влезот на храна и лекови за палестинските цивили е „неприфатливо“ и претставува кршење на меѓународното хуманитарно право.
Говорејќи на Европскиот форум на ВДР во Берлин, Вадефул ја изрази длабоката загриженост на Германија за состојбата во Газа и ги претстави дипломатските напори што ги презема Берлин за да ја убеди израелската Влада да дозволи зголемена испорака на помош за палестинското население.
Иако Германија традиционално важи за еден од најголемите поддржувачи на Израел, особено поради историската одговорност поврзана со злосторствата од Втората светска војна, актуелната централно-десничарска владејачка коалиција зазема сè покритички став кон Тел Авив, реагирајќи на обновената воена офанзива во Газа, блокадата на хуманитарната помош и изјавите на израелски министри за присилно иселување на Палестинците и анексија на териториите.